Трепери срцето мое

Љубовни текстови и сликиЅвездената вечер лесно го покри темното небо. Појас од ситни светкави ѕвезди трепери над мене. Седам на тревата уште од зајдисонце чекајќи да се појават ѕвездите, во една од нив можеби повторно ќе го видам твојот прекрасен поглед кој засекогаш си врежа место во моето младо срце. До сега го благословував денот кога те видов. Тоа беше тивко, дури нечујно поминување покрај мене, но иако беше тивко, јас го почувствував твојот чекор, се свртев и ни се сретнаа погледите. Твојата насмевка блескаше на сонцето. Посакав да сум сонце и секој ден да ти го галам лицето со моите зраци. Да се будам во твоите очи и да заспивам во твојата насмевка. И затрепери тогаш срцето мое како ситно пролетно лисје на млада бреза. Чудесен сјај ми сјаеше в очи, гореше лицето мое, како од возбуда, но, дали само возбуда тоа беше?

Ти се насмевна и продолжи со својот одмерен чекор да ги сечеш улиците, а јас останав да те чекам и да копнеам повторно да те видам. До сега оваа средба ја благословував, а сега-ја проколнувам! Ја проколнувам затоа што од тогаш наваму немам мир. Во секое зајдисонце ја гледам твојата насмевка, секоја вечер твојот лик сокриен во најсветлата ѕвезда го осветлува моето лице. Го проколнувам затоа што додека моето срце трепери надевајќи се дека повторно ќе те сретне, лузната на заборавот сигурно веќе одамна ме избришала од твоето срце. Го проколнувам затоа што додека ти пловиш низ океанот на одамна заборавените погледи и ги слушаш звуците на харфата кои свират за еден одамна заборавен поглед, мене секој ден ми се крши дел од срцето и иако скршено на илјадници делови, тоа сеуште трепери и секој дел подеднакво се распрснува при секоја помисла на тебе. Го проколнувам затоа што при секоја помисла на тебе моето лице гори и чувствувам дека срцето ќе ми излета од градите, додека ти подаруваш скришни погледи на трето лице. Го проколнувам затоа што додека јас копнеам да ги почувствувам твоите цврсти раце над моите раменици, истите тие раце галат нешија руса коса. И, така ќе остане засекогаш!

Сепак, јас сум сонце, а ти ѕвезда. Јас ќе те галам со своите зраци, ќе те будам секое утро и ќе те тешам кога некој ќе го скрши твоето срце, а ти ќе ми го осветлуваш прозорецот во ноќните часови и ќе ми ги бришеш солзите кои долго време ќе капат од очите кои те гледаат во секоја воздишка на вечноста. Ти ќе ја красиш ноќта а јас денот, но нашите погледи никогаш нема да се сретнат. Ти ќе живееш во твој а јас во мој свет и така-ќе остане засекогаш! Од таа средба остана само еден спомен, спомен на трепет на едно младо срце кое никогаш нема да те заборави. Ти, продолжи во животната патека со истите чекори како тој ден и изгради го твојот живот, но барем еднаш, сети се, дека некогаш имало едно срце кое треперело за тебе!