Како се чува љубовта?

Како се чува љубовта

Мајката со својот седумгодишен син шетала по плажата.

Во еден момент детето прашало:
- Мамо, како се чува љубовта?
Мајката малку се замислила, па му рекла:
- Земи од песокот и стисни го во раката.

Детето ја послушало, го стискало песокот во раката, но колку повеќе стискало тој повеќе истекувал меѓу прстите.

- Но, мамо, песокот ми бега - рекол малиот.
- Знам, сине. Ајде сега убаво отвори ја раката.

Детето ја послушало, но во тој момент дувнал ветер и му го однел сиот песок од раката.

- Ниту вака не можам да го задржам песокот, мамо!

На тоа мајката со насмевка рекла:
- Ајде сега повторно земи малку песок во раката, но држи ја дланката во форма на лажица, така да биде доволно затворена да го заштитиш, и доволно отворена тој слободно да стои на неа.

Момчето направило како што му објаснила мајка му и песокот му останал во раката - доволно заштитен од ветрот да не го оддува, а и слободен да не се лизга низ прстите.